Историјат

Во 90-тите години на 20 век, по осамостојувањето на Република Македонија, се појавија повеќе струи на истражувачки активизам кои вклучуваа млади ентузијасти – средношколци, студенти, професори и асистенти на природните и медицинските факултети. Меѓу нив беше и огранокот на Младинскиот совет на Македонија – Млади Истражувачи на Македонија (МИМ), кој во раните 90-ти години ги реализираше првите теренски истражувачки акции (лековити растенија на Плачковица, преживување во природа и сл.) и едукативни кампови. Паралелно, Катедрата за растителна екологија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) започна проект за проучување на дабовите шуми. Во НП Галичица беше поставена истражувачка станица, каде што се организираа летни и зимски кампови во селото Царина на Галичица.

Инспирирани од ваквите подвизи, на 12 јануари 1994 година, под иницијатива на група студенти и со поддршка од професорите на Фармацевтскиот факултет во Скопје, беше формиран Студентскиот сојуз на фармацевти на Македонија – ССФМ (анг. Macedonian Pharmaceutical Student Association – MPSA). ССФМ на почетокот функционираше како регуларно студентско тело на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Организацијата беше составена од повеќе структурни сектори, меѓу кои сектор за студентска размена, студентски правобранител и Научно истражувачко здружение (НИЗ). Со текот на времето и со измените на правната рамка за студентски движења, НИЗ остана структурата-претставник преку која студентите при Фармацевтскиот факултет ја дефинираат и реализираат својата истражувачка мисла.

Денес, мисијата на НИЗ е да го афирмира научно-истражувачкото размислување, да ја промовира науката меѓу студентите, да овозможи реализирање на научни идеи, поддржувајќи ја нивната креативност и студентски активизам, и да ги охрабри идните научници да зачекорат по патот на науката.

Уште од самите почетоци, НИЗ се насочи кон создавање на фармакогностичка карта на Република Македонија, со цел валоризирање на природните богатства. Оттука потекнува и традицијата на одржување годишни летни теренски истражувачки проекти. Првиот проект од овој тип се одржа на Голак, Делчево, на Малешевските Планини. Започна на 7 јули 1994 година и траеше 20 дена, со меѓународно учество на студенти од Ирска, Шпанија, Германија и Чешка, благодарение на соработката со Интернационалната фармацевтска студентска федерација (IPSF). Подоцнежните истражувачки проекти беа организирани и со поддршка од Европската фармацевтска студентска организација (EPSA).

Ова беше иницијалниот стимул кој го поттикна и одржува истражувачкиот потенцијал кај студентите. Преку активностите на НИЗ, овој потенцијал се реализира континуирано веќе 30 години. Овој подвиг не само што придонесува за валоризирање на природните богатства на Македонија, туку и ги отвора вратите за проактивни студенти и млади истражувачи кои сакаат да ги продлабочат своите знаења и да бидат во допир со научно-истражувачката работа.

Во понатамошниот развој, НИЗ ги прошири своите активности и кон етнофармаколошки истражувања, кои започнаа во 2003 година во Преспанскиот и Струмичкиот регион. Активностите на НИЗ секогаш биле поврзани и испреплетени со активностите на ССФМ, кој на почетоците беше членка на IPSF и EPSA. Под иницијатива на Ѓоше Стефков, во 1997 година беше организиран и одржан првиот научен симпозиум во Скопје и Охрид. Овој симпозиум понатаму прерасна во Летен универзитет (Summer University), кој стана редовна активност во календарот на EPSA.

НИЗ организираше неколку летни универзитети во Македонија: во 2003, 2007 и 2014 година, што ја зајакна соработката со EPSA и ја афирмираше позицијата на студентите по фармација од Македонија во интернационалните фармацевтски организации.

Како дел од поддржаните настани од EPSA, традиционално се одржува Европскиот фармацевтски летен семинар (анг. European Pharmaceutical Summer Seminar – EPSS) во село Велестово, Охрид. Овој семинар има за цел продлабочување на знаењата и вмрежување на студентите. Неговите зачетоци датираат од 2016 година, под иницијатива на студентите од Факултетското студентско собрание на Фармацевтскиот факултет (ФССФФ) и Научно истражувачкото здружение – НИЗ. Семинарот е од интернационален карактер, со учество на студенти од повеќе европски земји како Австрија, Данска, Грција, Романија, Молдавија, Кипар, Турција и други. Во реализацијата на проектот учествуваат студенти од Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при УКИМ, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Државниот универзитет во Тетово, како и студенти од странство. Стручниот дел од програмата го водат професори и асистенти од Фармацевтскиот, Медицинскиот и Природно-математичкиот факултет при УКИМ, како и соодветни стручњаци од пракса. Покрај студентите, семинарот вклучува и странски професори и асистенти кои работат на релевантни истражувачки проблематики.

НИЗ, како наследник на МПСА, продолжува да егзистира како единствена невладина, независна организација на студенти која не е ограничена од регулаторните рамки за студентско организирање во склоп на УКИМ.