Летниот теренски проект е најголемиот и најпрепознатлив проект на Научно истражувачкото здружение (НИЗ), кој традиционално се одржува секоја година во јули. Овој проект е првата истражувачка активност од која започнува приказната на НИЗ, и до ден-денес останува срцето на нашата работа – спој на наука, природа и студентски ентузијазам.
Проектот се заснова на теренски истражувања на планините во Македонија и пошироко, со фокус на проучување на лековити и корисни растенија преку фармакогностички и етноботанички пристап. Учесниците собираат и обработуваат растителни материјали, кои понатаму се анализираат за нивниот хемиски состав и потенцијално корисно фармаколошко дејство. Активностите и истражувањата од терен понатаму се продолжуваат во просториите и лабораториите на Фармацевтски факултет во Скопје, но и во други научни и образовни институции соработници на НИЗ.
Целта на Летниот теренски проект е да им понуди на студентите уникатна можност за учење и практична работа надвор од класичната наставна програма – можност да ги прошират своите знаења, да развијат истражувачки вештини и да се вмрежат со колеги од земјата и странство.
Во реализацијата на проектот учествуваат студенти од Фармацевтски факултет-Скопје при УКИМ, соработници студенти од други факултети и универзитети, како и студенти по фармација од други земји. Стручниот дел го водат професори и асистенти од домашни и странски универзитети, како и експерти од пракса, кои заеднички креираат содржајна, инспиративна и научно релевантна програма.
Летниот теренски проект претставува повеќе од истражување – тој е искуство што инспирира, поврзува и гради генерации млади научници.
Во своето преку 30-годишно постоење НИЗ ги има организирано следниве теренски проекти:
1. Голак (1994)
2. Осоговски Планини (1995)
3. Баба (Пелистер) (1996)
4. Караџица (1997)
5. Кожув (1998)
6. Бистра и Стогово (1999)
7. Козјак (2000)
8. Плачковица (2002)
9. Беласица (2003)
10. Претор (2003)
11. Беласица (2004)
12. Неолица (2005)
13. Локов (2006)
14. Локов (2007)
15. Калин Камен (2008)
16. Шар Планина (2009)
17. Беласица (2010)
18. Љуботен, Шар Планина (2011)
19. Вртешка, Плачковица (2012)
20. Велестово, Галичица (2013)
21.Проклетие, Албанија (2014)
22. Пирин, Бугарија (2015)
23. Големо Езеро, Пелистер (2016)
24. Љуботен, Шар Планина (2017)
25. Караџица (2018)
26. Велестово, Галичица (2019)
27. Велестово, Галичица (2020)
28. Горна Белица, Јабланица (2021)
29. Смрдлива Вода, Кожув (2022)
30. Попова Шапка, Шар Планина (2023)
31. Љуботен и Попова Шапка, Шар Планина (2024)
32. Попова Шапка и Жировница, Шар Планина (2025)