Студентски Сојуз на Фармацевти на Македонија (ССФМ), основана во 1994 година по иницијатива на студентите од Фармацевтскиот факултет во Скопје, е невладина организација посветена на поттикнување на научноистражувачкиот дух, промовирање на науката меѓу студентите и овозможување развој на прогресивни научни идеи. Нејзината мисија е да ја поддржува креативноста и студентскиот активизам, како и да ги охрабрува идните научници да зачекорат на патот на науката.
Во почетоците на основањето на организацијата, целта била да се создаде алатка преку која студентите Ќе можат да творат, да ја изразуваат својата креативност, да се борат за своите права и активно да учествуваат во креирањето на општествените движења. Така, некои од основните цели и задачи биле: заштита на загарантираните права, достоинството и интегритетот на студентите, спречување на било какви злоупотреби, поттикнување на самостојноста на студентите, организација на курсеви и други образовни програми со што ќе ги запознае студентите со најновите достигнувања во фармацијата и континуирано професионално усовршување.
Структурата на ССФМ била изградена од повеќе сектори на кои што се базирало функционирањето на студентското движење. Со текот на годините и промените во високото образование, посебно со формирање на факултетските собранија, дојде до промена на начинот на делување на студентските движења. Денес, структурата на ССФМ е претставена од Научно Истражувачко Здружение (НИЗ) преку кое се спроведуваат активностите на организацијата.
ССФМ останува претставник во Европската фармацевтска студентска асоцијација (European Pharmaceutical Student Association – EPSA) за студентите од Фармацевтски факултет – Скопје, преку која ја афирмира нивната позиција во интернационалните фармацевтски организации.


