Научно Истражувачко Здружение (НИЗ) е граѓанска невладина организација што постои од 1994 година, формирана по иницијатива на студенти од Фармацевтскиот факултет во Скопје. Нејзината главна цел и мисија се поттикнување и афирмирање на научноистражувачкото мислење, промовирање на науката меѓу студентите и овозможување на реализација на научната мисла, поддржувајќи ја нивната креативност и студентски активизам, охрабрувајќи ги да зачекорат по патот на науката.
Во НИЗ учествуваат студенти, професори и асистенти од Фармацевтскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од други факултети на УКИМ, како и од други универзитети во Македонија, студенти на размена и соработници од странство. Не помалку значајни се и алумните, како и љубителите на науката и природата кои низ годините претставуваат бесценета поддршка на организацијата. Работата на НИЗ се темели на ентузијазмот на студентите да реализираат идеи надвор од стандардната студиска програма. НИЗ активно соработува со други истражувачки организации и здруженија при УКИМ, Македонското фармацевтско друштво, повеќе фондации, како и фармацевтски компании чија поддршка е клучна за успешно функционирање на НИЗ.
Во 30-годишното постоење на здружението, остануваме насочени кон обезбедување средина за обука и научноистражувачка работа во областа на фармацевтските науки, фармакогнозијата и ботаниката. Дополнително, посветени сме на вклучување во иницијативи за заштита на животната средина и биодиверзитетот.
НИЗ има реализирано и многу други активности и проекти, како Европскиот фармацевтски летен семинар (EPSS), кој за првпат се одржа во Охрид во 2016 година, каде се дискутираат теми поврзани со психоактивни компоненти од природно потекло, а учествуваат професори, асистенти и студенти од цела Европа. НИЗ организира и работилници, дебати и предавања на актуелни теми, посети на индустрија, мотивациски екскурзии и социјални настани.



